Заев за „Ефимерида тон синдактон”: Двете земји и граѓаните може да бидат искрени пријатели – ММС
ММС

Објавено на: 01/4/19 10:26 AM

Заев за „Ефимерида тон синдактон”: Двете земји и граѓаните може да бидат искрени пријатели

За придобивките од Договорот од Преспа, за процесите во македонското Собрание и грчкиот Парламент, за членството во НАТО, претстојните претседателски  избори кај нас, но и за кандидатурата за Нобеловата награда за мир, говори македонскиот премиер Зоран Заев во интервју за грчкиот весник „Ефимерида тон синдактон” – јави дописничката на Македонската информативна агенција од Атина.

Во опширното и детално интервју на три страници, премиерот вели дека Договорот од Преспа во иднина не може да се промени, а изразува надеж дека решението меѓу Македонија и Грција ќе добие зелено светло од пратениците и во двете земји, но не ја крие и неговата загриженост.

„Да, загрижен сум, како што сум загрижен и за нашето собрание, бидејќи, на крајот, гласаат пратениците“, одговара Заев во однос на претстојните процеси во грчкиот Парламент, едниот за ратификација и на договорот, другиот за ратификација на протоколот за членство во НАТО.

„Јас и мојот добар пријател Алексис донесовме одлуки и го презедовме целиот политички ризик бидејќи веруваме дека ова е правилната одлука за иднината на нашите татковини“, вели Заев и потенцира дека според официјалните статистички податоци, во последните 10 месеци трговијата меѓу двете земји се зголемила за 18.7 отсто. Во однос на процесот кај нас, вели дека во овој момент не знае колку пратеници ќе гласаат „за”, но верува дека ќе бидат над 80. Објаснува дека во тек е процесот на поднесување на амандмани за уставните амандмани

Во однос на одбивањето на македонскиот претседател да ја потпише ратификацијата на договорот, Заев вели дека постојат алтернативни можности, но она што сега има предност се уставните измени.

За реакциите од опозициите и во Македонија и во Грција, Заев коментира дека тие се идентични:

„Исти критики. Како да се браќа близнаци. Она што го знам е дека нашата опозиција посакува да помине Договорот за да нѐ критикува. Го почитувам господинот Мицотакис, како и секој грчки политичар. Зошто да не му даде шанса на договорот, поддржувајќи го? Сепак, можеби ќе го поддржи барањето за наше членство во НАТО, зошто да не? Секако оние коишто на крајот одлучуваат се граѓаните и вреди да даваме можност за решенија, објаснува македонскиот премиер и додава дека искуството од минатото покажало дека отсуството на договор не донело ништо позитивно, а политиката од минатото нанела штета и врз двете земји“.

Прашан за руските реакции, македонскиот премиер вели дека ние сме мала, но пријателска земја која што сака да ги зајакне односите и со Русија, но објаснува дека над 80 отсто од граѓаните се за евро-атлантска интеграција. Смета дека членството во НАТО ќе донесе мир и гаранции за мир на Балканот.

„Ние сме мирна и пријателска земја. Сакаме преку нашето членство во НАТО да донесеме мир. Сакаме овој мир да го шириме за нашата земја, за целиот регион, учествувајќи во мировни мисии во целиот свет за борба против тероризмот, радикализмот и екстремизмот“, вели Заев и додава дека во овој момент, Македонија е црна дупка на Балканот бидејќи сите земји од регионот се веќе членки на НАТО.

Во однос на Нобеловата награда за мир, кога тој и грчкиот премиер беа предложени, Заев во интервјуто открива дека му пишал порака на Ципрас дека е голема чест, Ципрас му одговорил дека „најголемата награда за нас е нашето пријателство и подобрата иднина за нашите земји и нашите граѓани”.

Заев објаснува дека нема да биде кандидат за претседател бидејќи не сака да ја загуби радоста на моментот кога ќе се имплементира договорот. Вели дека „следниот претседател треба да ги претставува сите граѓани, бидејќи сегашниот, со целата почит, еден демократски политичар не ги исполни очекувањата во целост.

Заев во опширното интервјуто на три страници, говорејќи за грчкиот премиер вели дека е „неговиот пријател Алексис”, а го споменува и истакнува пријателството меѓу двете земји и двата народи што дополнително ќе се зајакне по стапувањето на сила на Договорот од Преспа и ќе донесе корист и придобивки и за двете страни. Објаснува дека меѓу него и Ципрас постои доверба.