Во Скопје денес вакцинирани над 300 деца: Родителите со свои аргументи на социјалните мрежи – ММС
ММС

Објавено на: 01/3/19 3:26 PM

Во Скопје денес вакцинирани над 300 деца: Родителите со свои аргументи на социјалните мрежи

Во поликлиниките на територија на град Скопје до 14 часот вакцинирани се вкупно 371 дете – соопшти попладнево Министерството за здравство, кое прогласи епидемија на морбили.

Од ресорното министерство информираат дека состојбата на пациентите, кои се заболени од морбили е стабилна. Во меѓувреме се утврдува клиничката и лабораториска слика за уште едно дете, за кое лекарите се сомневаат дека има мали сипаници, односно морбили. Епидемијата на територијата на главниот град беше прогласена вчера, откако претходно биле регистрирани 12 нови лица заразени од оваа болест, кои не биле вакцинирани. Здравствените власти воведоа забрана за носење во градинка на децата кои не ја примиле соодветната вакцина.

Додека градинките денеска речиси останаа празни, за прашањето за вакцинацијата на големо се дебатира на социјалните мрежи. Родителите поделени во мислењата. Тие кои веќе ги вакцинирале своите деца им порачуваат на останатите да се едцуираат и информираат.  Други пак, нагласуваат дека не се против вакцинација, но едноставно немаат доверба во македонскиот здравствен систем.

Една од мајките посочува дека е за вакцинација на децата, но сепак не може да и’ верува на државата која не може да обезбеди чист воздух за нејзиното дете и во која за лекување на децата се собираат средства преку донации од граѓаните.

Друга мајка пак, забележува дека иако вакцинирањето е задолжително, нема доволно персонал и простор за истото. Скопјанката раскажува како денес со своето дете била во поликлиниката Јане Сандански, каде како што вели докторите и сестрите се секогаш љубезни, но денес биле нервозни поради големиот метеж.

Родителите сведочат дека организрацијата е многу лоша, наспроти вчерашната изјава во медиумите на здравствените власти дека имаат капацитет да се справат со големиот број деца кои чекаат на вакцинација.