Едночасовен отчет по триесетминутно доцнење – Заев тргна по стапките на претходникот Груевски – ММС
ММС

Објавено на: 01/3/19 2:46 PM

Едночасовен отчет по триесетминутно доцнење – Заев тргна по стапките на претходникот Груевски

 

Фото: Архива

„Премиере доцните како економскиот раст“… вака реагираше еден од новинарите откако премиерот Зоран Заев и министерот Драган Тевдоски се појавија на закажаната прес-конференција со задоцнување од половина час, пренесе новинската агенција Макфакс.

Премиерот на забелешката премолче, не коментираше, не образложи зошто доцнат, ниту се извини на медиумите.

По примерот на неговиот претходник Никола Груевски од ВМРО ДПМНЕ, и Заев држеше прес-конференција која траеше повеќе од еден час. Излагаше за сработеното по ресори. Даваше отчет за инвестиции, за економски напредок, здравство, социјала, правда, земјоделие. Го повтори она што го зборува цела година, со една новина дека со собраните пари од прогресивецот ќе има зголемување на социјалната помош.

„Социјалната помош ќе се зголеми за 300%, ќе изнесува 11 700 денари“, рече тој.

Слично како и доскорешниот премиер Груевски, кој 11 години се држеше до оваа пракса, избегнуваше конкретни одговори на новинарски прашања. Ниту Тевдовски ниту Заев не одговорија конкретно како ќе ги задржат фирмите од ИТ-секторот во Македонија и медицинските работници, кои најавија заминување токму поради воведувањето на прогресивниот данок.

Рекоа дека само 1%, односно 9000 граѓани требало да платат повисоки давачи, а во ИТ-компаниите просечна плата била 50 000 денари, така што според нив данокот не бил дестимулативен.

И за амнестираните, новинарите не добија дециден одговор дали со законот се руши принципот на правна држава. Тој само го повтори ставот што го повторува веќе два месеца во медиумите, дека било човечки да се прости ако сакаме да одиме напред.

Извор: Макфакс