Проодни се сите патни правци низ источна Македонија. Раководителот на регионалната подружница на ЈП „Македонија пат”-Штип, Кире Коцев вели дека од утринава на коловозите се фрлени околу 200 м/3 песок и околу 80 тони сол.
– Апел до возачите, кои ќе патуваат на патиштата во источна Македонија да возат внимателно, бидејќи се вози по влажни коловози и на одредени места може да дојде до замзрнување. Инаку екипите се постојано на терен и патиштата се проодни, вели Коцев.
Тој истакна дека треба да се внимава кога се вози низ клисурите, поради можна појава на одрони, а особено да се внимава на патните правци од виничкото село Истибања-Македонска Каменица –Делчево и од Виница до Берово.
Директорот на ЈП „Стипион”-Штип, Сашко Протогеров вели дека улиците низ градот Штип се чисти, утринава се фрлени само четири тона сол и тоа на мостовите и на местата каде што може да дојде до подмрзнување на коловозите.