Една од црните сообраќајници во тетовско, годинава ја зеде првата жртва. На регионалниот патен правец Тетово – Радиовце, загина 61 годишен велосипедист откако се судрил со автомобил.
Сообраќајката се случила на само дваесетина метри од влезот на Брвеница. Жителите од ова населено место, велат дека тука често се случуваат сообраќајки со фатални исходи. Како причини ги наведуваат брзото возење но и недоволната обезбедност на патот.
Градоначалникот на Општина Брвеница Енвер Пајазити, се согласува дека патот не е доволно обезбеден, и истио се планира да се прошири. Се согласува со жителите, дека треба да има поголема сообраќајна контрола но и поголеми казни кон возачите, кои не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.
Овој патен правец последниве неколку години по неговата целосна реконструкција е се почесто користен од жителите од полошко кои гравитираат на потегот од тетовско кон гостиварско. Тие најчесто го одбегнуваат автопатот Тетово – Гостивар каде има две наплатни рампи.
Зоран Димовски


