Советот на општина Кавадарци во оваа година која одминува донесе околу 600 одлуки. Советниците од двете големи политички партии се задоволни од тоа што го сработиле. Координаторите изјавија дека работеле исклучиво во интерес на граѓаните.
За разлика од дејствувањето на национално ниво на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, во кавадаречкиот совет работите се поинакви. Се соработува и се носат конструктивни одлуки. Иако мнозинството во советот е на СДСМ, градоначалникот од ВМРО-ДПМНЕ, годинава немаше никакви опструкции, но од говорници се слушаа повремени обвинувања на актуелните национални теми.
„Ова година во политика од поминати 20 години во политиката ми е најтешка, но и најубава. Најтешка затоа што имавме многу работа, голема одговорност како претседател, бидејќи претходно бев само советник. Со задоволсво помагам колку што можам. Донесовме преку 600 одлуки на 19 редовни и 9 вонредни седници“ вели претседателот на советот Ристо Сакалиев.
Советничката група на СДСМ е задоволна што општина Кавадарци добива силна поддршка од централната власт.
„Мислам дека имаме успешна година за Кавадарци. Непобитен е фактот дека во Кавадарци се гради. Ние како советничка група, се што беше аномалија од претходното раководство да отстраниме. Успеавме јавното осветлување и паркинзите да ги вратиме во јавна сопственост. Се надеваме дека 2019 година ќе биде уште подобра“ вели координаторот на советничката група на СДСМ, Лазар Туриманџов.
Советниците од ВМРО-ДПМНЕ исто така за позитивна ја оценуваат годината која одминува за општина Кавадарци. Тие нагласуваат дека се посебно горди што нивната програма успешно ја реализира градоначалникот Митко Јанчев.
„Сите проекти кои ни беа предвидени во буџетот се исполнети во целост. Реализравме и проекти кои не ни беа планирани. Ако оценуваме со оценка од еден до пет, имаме чиста петка“ оценува координаторот на советниците на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Јованчев.
Благодарен за соработката на советот е градоначалникот. Тој исто така нагласи дека и администрацијата макотрпно работела во реализирањето на сите проекти.
„Оваа година која одминува несебично го дадовте својот труд да реализираме што повеќе проекти. Се надевам дека во 2019 година сите заедно ќе постигнеме уште повеќе“ заклучи Јанчев.
Ангел Данов


