Пожарникарите во новата година со истите проблеми – недоволна екипираност и опрема – ММС
ММС

Објавено на: 12/31/18 7:44 AM

Пожарникарите во новата година со истите проблеми – недоволна екипираност и опрема

Во годината што изминува пожарникарите остануваат со истите проблеми со кои се соочуваат со години. Бројот на вработени е далеку под законските прописи, а просечната старост на пожарникарите е 48 години. Дополнителен проблем е и стариот возен парк со кој располагаат.

Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје во годината што доаѓа се очекува да се подмлади со 19 пожарникари, за кои огласот за вработување е во завршна фаза.

– Тоа е недоволно, со оглед на тоа што просечната старост е многу висока и врз основа на заминување во пензија очекуваме наредната година да заминат околу 30 пожарникари. Станува збор за пожарникари со искуство што ќе го понесат со себе и, за жал, нема да можат да им го пренесат на помладите колеги кои би дошле во единицата. Затоа можеби е решение прием на значителен број пожарникари во наредната година, кои за да можат да се вклучат во работните процеси на единицата  е потребно време за да го стекнат неопходното искуство, вели в.д. командирот на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, Звонко Томески, во изјава за МИА.

Во моментов, само на ниво на Скопје како главен град има 193 пожарникари, што е далеку под реалните потреби во однос на територијата и бројот на жители што ги покрива Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, како и постојните законски одредби според кои е предвидено да бидат вработени 384 пожарникари.

Имајќи предвид дека се работи за хумана, но многу стресна професија, Томески забележува дека е неопходно и за пожарникарите да важи условот од 40 години стаж за одење во пензија, а во однос на бенефицираниот стаж вели дека е потценувачки еден професионален пожарникар да има бенефиција од 15 месеци, а за оџачар да биде 16 месеци за една година.

Она што е позитивно, а ќе ја обележи годинава што изминува, е што е намален бројот на пожари во однос на минатата година. Така, според податоците со кои располага Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, годинава имале 1.200 интервенции и 112 технички интервенции, за разлика од 2017 година, кога имале 1.644 интервенции на гаснење пожар. Сепак, загрижува фактот дека се зголемува бројот на интервенции во урбаните средини за сметка на оние на отворен простор.

– Иако бројот на интервенции во тековната година се движи во просекот, она што нè загрижува е фактот што во година кога поради поволните временски услови кои ги имавме во летниот период имавме значително намалување на пожарите на отворен простор, се појавува значителен пораст на интервенции во урбана средина. Станува збор за интервенции што се многу посложени за реализација и каде што многу поголема е веројатноста да имаме загрозување на човечки животи и поголеми материјални штети. Сите овие интервенции се навремено и квалитетно извршени благодарение на залагањето и ентизујазмот на колегите кои несебично се вложуваа во секоја интервенција, истакнува Томески.

Во пресрет на новогодишните празници кога расте еуфоријата на украсување на домот и новогодишната елка, пожарникарите апелираат до граѓаните да ги исклучуваат новогодишните светилки и сите електрични апарати кога излегуваат од домот.

– Граѓаните да не ги оставааат електричните уреди вклучени во мрежата кога не се во своите домови. Тука не станува збор само за новогодишните украси, туку и за сите апарати и уреди што ги имаме во домаќинствата. Да поведат сметка околу правилното одржување на електричната инсталација, а сега во грејната сезона оние кои користат дрва, екстра лесно масло и други видови горива за затоплување посебно да поведат сметка околу исправноста на таквите уреди и одржувањето на димоводните инсталации, препорачуваат пожарникарите.

Оттаму информираат дека со падот на надворешните температури забележан е зголемен број на интервенции на пожари настанати од уреди и инсталации што се користат за затоплување на домовите, притоа посочувајќи го неодамнешниот пожар во селото Сопиште настанат од грејно тело во кој едно лице го загуби животот.