Охрид ќе има организиран новогодишен дочек на плоштад – ММС
ММС

Објавено на: 12/30/18 4:00 PM

Охрид ќе има организиран новогодишен дочек на плоштад

На градскиот плоштад во Охрид ќе има новогодишна забава во организација на здруженијата на охридскиот угостителски еснаф и на хотелиери на Македонија.

Општина Охрид ги откажа планираните празнични свечености поради ненадајната смрт на градоначалникот Јован Стојановски, но хотелиерите сметаат дека туристичкиот центар треба да има организиран дочек за највеселата ноќ.

Претседателот на ХОТАМ Крсте Блажески во изјава за МИА посочи дека Охрид е туристички центар и треба да има организиран дочек, а прославата ја посветуваат во чест на прерано починатиот градоначалник.

– Имаше веќе договорени работи, што не би требало да се откажуваат. Ние ја преземавме организацијата, бидејќи сметаме дека во најголемиот туристички центар треба да се случува нешто. Уште од почетокот сугериравме да се организира нешто, да не биде година без дочек на плоштад, изјави Блажески.

Покрај мислењето на хотелиерите и угостителите, нагласи дека за организиран дочек сугерирале и граѓаните.

Охриѓани и гостите ќе ги забавуваат Ѓоко Танески, Жармена, групите Бетис Бупс и Бекдор бенд и ди-џеј Петар.