Со „Ветинг“ процес по празниците, ќе се утврдуваат евентуални криминали на вработените во МВР – ММС
ММС

Објавено на: 12/28/18 4:50 PM

Со „Ветинг“ процес по празниците, ќе се утврдуваат евентуални криминали на вработените во МВР

 

Со седумдесет милиони денари идната година ќе се реконструираат полициските станици во земјава. За оваа цел, во годината што изминува биле потрошени околи 22 милиони денари. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски најавува дека ќе се набават нови возила, но и нова опрема, а според него, идната година ќе се вложува и во кадровскиот потенцијал на МВР.

Со цел од полицијата да се елиминираат корумпирани поединци, тој вели дека е потребно ново законско решение со кое впрочем би се спровел таканаречениот „Ветинг“ процес.

Овој процес ќе се спроведува во соработка со ОБСЕ.

„Ќе бидеме сосема отворени во тој процес  бидејќи е сериозен, но ќе наиде на големи пречки и од внатре и од надвор. Мора да се води транспарентно, затоа што сепак нека да биде едноставен и лесен“, смета Спасовски.

Вработените ќе се разгледуваат по три основи, за да се тврди дали и како ги пречекориле професионалните норми.

Првата основа ќе биде персоналното досие, каде ќе се утврдува дали вработениот менувал име, презиме или државјанство. Потоа, ќе се разгледува и имотната состојба за да се направи паралела што имал како имот кога се вработувал и што има во тековниот момент. Третата основа ќе биде интегритетот на вработениот, односно како напредувал.

Овој процес ќе го надгледуваат три комисии, од кои едната ќе биде надворешна односно експертска.

Во однос на обвинувањата од синдикалците, тој рече дека има синдикална борба во која сите се борат за репрезентативност, но вели дека тие што најмногу напаѓаат во јавност, најмногу губат членови.

Независниот синдикат на полицијата пак, на чело со Гоце Делчев Тодев обвини дека МВР распределува вработени на пониски работни места, само поради нивните синдикални активности.