Паркирањето во централното подрачје на Гевгелија ќе се решава од идната година. Проектот е подготвен, се чека распишување на тендер за фирма која ќе го спроведе. Наплатата на паркирањето преку систем за паркирање по зони се најавува веќе неколку години, а градоначалникот Сашо Поцков вели дека Гевгелија има специфичен проблем со возилата со странски таблици и тоа е една од причините за одложување на овој проект.
– Ќе се распише тендер во 2019 година, во завршна фаза е и студијата за регулирање на паркирањето во центарот на градот. Останува да го завршиме сето тоа и да помине низ правните процедури. Треба да водиме сметка за тоа дека Гевгелија има една специфика, односно половина од волизата овде се грчки автомобили, така да плаќање преку мобилни телефони е покомплицирано бидејќи грчките граѓани не се корисници на нашите мобилни оператори. Треба да осмислиме начин на плаќање со одредени картички кои ќе бидат достапни и за посетителите од соседна Грција – објаснува Поцков.
Зонско паркирање на југоистокот засега има само Струмица. Вакви најави досега немало во соседните општини Богданци и Валандово, додека во Дојран веќе имаше еден обид за спроведување на ваков систем.


