Стационарот за кучиња наместо во Прдејци ќе биде во Негорци – ММС
ММС

Објавено на: 12/28/18 3:08 PM

Стационарот за кучиња наместо во Прдејци ќе биде во Негорци

Во околината на Негорци, е новата локација на која ќе се гради долгонајавуваниот стационар за бездомни животни, еден од двата кои се планираат на југистокот. Гевгелиските локални власти ја промениле првичната локација во Прдејци, поради реакции од тамошното население, но и како што објаснуваат, поради близината на реката Вардар, а токму присуството на мушички покрај водата можело да доведе до пренесување на заразни болести од заловените кучиња.

– Направен е избор за стационар. Малку доцниме бидејќи имавме проблем. Прво беше лоциран во Прдејци , и поради тоа е и задоцнувањето. Инаку тендерот е завршен, избрана е фирма изведувач. Жителите на Прдејци реагираа на почнување на градежните работи во нивното населено место, ние имавме слух и ја сменивме локацијата. Новото место за стационар е по патот кон душевната болница во Негорци, во поранешни објекти на Живинарската фарма од Гевгелија –објасни градоначалникот на општина.

Градоначалникот Поцков најавува брзо завршување на градежните работи во наредната година, и дека за три до четири месеци стационарот ќе проработи. Овој стационар треба да го опслужува реонот на Гевгелија, Богданци и Дојран, а се гради со помош на Центарот за развој на југоисточен плански регион. Во меѓувреме во Струмица веќе тече изградбата на уште еден ваков објект кој ќе ги прибира кучињата и останатите бездомни животни од општините Струмица, Радовиш, Босилово, Ново Село, Василево и Конче. Предвидено е во стационарот да има 40 боксови за кучиња, и не се планира подолго задржување на животните.

Роза Шулева