Собранието на Република Македонија денеска во рамки на 78. седница ги донесе измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудио визуелни медиумски услуги со кој се очекува да се обезбеди транспарентен, независен, ефикасен и отчетен јавен радиоадифузен сервис и транспарентно, независно, ефикасно и отчетно регулаторно тело во областа на аудио и аудиовизулените медиумски услуги. Во содржината и суштината на предложената измена и дополнување се интегрирани забелешките на новинарските и медиумските организации, а дополнително се вградени и клучните препораки на експертите на Советот на Европа и на ОБСЕ во врска со намалувањето на политичкото влијание медиумите, јавниот сервис и медиумскиот регулатор.
Најмногу измени на Законот се околу зголемување на надлежноста на Советот на Агенцијата, како и промени во однос на работењето на директотор на Агенцијата.
Измени има во однос на пропишувањето на начинот на избор на членови на Програмскиот совет на МРТ, околу финансирањето, како и за работното искуство на директорот.
Министерот за информатичко општество и администрација, Дамајан Манчевски истакна дека со Законот, медиумските работници ја преземаат работата во медиумите, дополнително со тоа што политиката се отстранува од тој простор. Според него решението е квалитетно, иако не е најдобро.
Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Лилјана Затуровска наведе дека реформите во медиумскиот простор се дел од препораките на Прибе.
На денешната седница на Собранието, по скратена постапка беа донесени и измените и дополнувањата на Законот за Царинската управа.
Зоран Илиоски, претеникот од ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека Владата изразила негативно мислење за Законот.
– Сметам дека за едно општество, една економија подобро да функционира, треба владејачкото мнозинство и Владата подобро да соработуваат за суштински закони – посочи тој.


