Новинарите со тужба против државата ќе ја бараат правдата за „27 април“ – ММС
ММС

Објавено на: 12/28/18 2:11 PM

Новинарите со тужба против државата ќе ја бараат правдата за „27 април“

Новинарите кои известуваа од Собранието за време на упадот на 27 април лани ќе ја тужат државата и ќе бараат надомест на штета, но и одговорност на пратеници кои со дејствување или недејствување учествувале во настанување на штетата.

„Сакаме да обзнаниме дека најмалку 15 новинари досега, кои на 27 април известуваа од Собранието, покренуваме иницијатива за тужба кон државата за отштета. Тужабата ќе биде преку граѓанска постапка да се оцени штетата на поединци. Повикуваме да се вклучат сите новинари кои беа внатре. Обратете се до нас, ицијативата е отворена“, рече новинарот Боби Христов.

Во однос на барањето за надомест, тој рече тоа ќе биде договор меѓу сите новинари кои ќе се вклучат во тужбата:

„Оваа постапка чини пари. Во граѓанска постапка ќе се бара надомест на штета и да се утврди одговорност на пратеници кои со дејствување или недејствување учествувале во настанување на штетата. Дел од трошоците сами ќе мора да ги сносиме. Сè ќе се дели сразмерно. Ќе се плаќаат од наша страна судските трошоци, а адвокатско друштво ќе нè застапува“..

Новинарката Душица Мрѓа порача дека сите новинари и сниматели заслужуваат правда.

„Ние само си ја вршевме работата“, рече таа.

Новинарот Горан Трпеновски рече дека во тужбата треба да се вклучат сите, оние кои биле и кои не биле. „Нашето известување придонесе за да нема потешки последици, убиство. Нашето присуство придонесе сè ова да заврши како што заврши“, рече тој.