Зимскиот риболов во Дојран во полн ек – ММС
ММС

Објавено на: 12/28/18 2:52 PM

Зимскиот риболов во Дојран во полн ек

Фото: Архива

Дојранското Езеро се’ уште чека концесионер, а во меѓувреме слободниот период привлече огромен број рибари покрај дојранското крајбрежје.  Преполни чамци и трски кои се нурнуваат во езерската вода, е сликата која и во зимските денови може да се забележи во ова туристичко место, особено кога деновите се мирни и сончеви, а на југот и најчесто се такви.

Се лови на сите попознати локации, од плажата Калдрма па се’ до Стар Дојран, и додека уловот е богат, а рибарите задоволни, никој од нив не е расположен да разговара на оваа тема со медиумите.

Централните власти преку министерството за земјоделие веќе неколку месеци не можат да изберат концесионер, во тек е постапката, но исход се уште нема.

Од општината велат се очекува по Нова Година да се знае кој ќе биде нов концесионер на Дојранското езеро за период од шест години, објаснува градоначалникот Анго Ангов.

– Во тек е постапката за избор на концесионер на езерото. Сметам дека до средината на јануари ќе имаме нов концесионер, односно концесионер што ќе се грижи за езерото и за рибниот фонд. Во моментот доаѓаат рибари затоа што си имаат платено рибарска дозвола за период од една година, меѓутоа обврската по ова прашање, во овој период додека немаме концесионер, е на МВР, така што општината нема некои посебни ингеренции – вели Ангов.

Јавниот повик за доделување на концесијата за вршење стопански риболов за неколку локации објави Министерството за земјоделие, а рокот за доставување на понуди истече неделава, по што се очекува да се избере најповолната понуда.  Концесонер на период од шест години се бара за Охридско Езеро освен изворите кај Св. Наум и во каналот „Студенчишта“ и за Дојранско Езеро без делот на кој се организира рекреативен риболов.