Деталите за бегството на Груевски се’ уште во тајност: Спасовски стои зад изјавата на Рускососка, но не открива ништо повеќе – ММС
ММС

Објавено на: 12/28/18 11:45 AM

Деталите за бегството на Груевски се’ уште во тајност: Спасовски стои зад изјавата на Рускососка, но не открива ништо повеќе

Довербата на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во Специјалното јавно обвинителство сега е помала отколку во периодот кога се формираше. Тој денеска појасни дека за тоа влијаеле повеќе фактори, но не сакаше да образложи ништо повеќе. На денешниот брифинг, последен во годината што изминува, новинарите го прашаа и за бегството на поранешниот премиер, Никола Груевски, но од МВР повторно никакви информации. Спасовски само кусо рече дека неговото Министерството не може да направи ништо повеќе од тоа што ќе му биде дадено како задача, потсетувајќи дека во моментот на бегство, по Груевски не беше рапсишана ниту домашна, ниту меѓународна потерница.

И покрај тоа што пред повеќе од еден месец, премиерот Зоран Заев при една работна посета на Струмица најави дека очекува во брзо време МВР да излезе со детали за бегството, првиот човек во овој ресор одбива да даде какви било детали од истрагата. Сепак, тој стои зад изјавата на обвинителката Вилма Рускоска која откри дека соработуваат со колегите од Црна Гора и од Албанија. Иако кога ја даде изјавата, таа најави дека Јавното обвинителство за две недели ќе излезе со информации за резултатите од предистражната постапка за бегството и начинот на кој Груевски ја напуштил земјава, по речиси три недели деталите од ваквата постапка се уште не се објавени.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ пак, Христијан Мицкоски вчера во интервју за телевизија Сител изјави дека одговорноста за бегството на екс премиерот ја имаат токму Заев и Спасовски, бидејќи како што тврди тој, тие се запознаени со целиот случај.

Во меѓувреме, Груевски во Будимпешта ја троши пратеничката плата која ќе му се исплаќа се’ додека има мандат, но таа ќе се намалува за пет проценти со секое отсуство.