Кавадарци ги избра најдобрите спортисти за 2018 година – ММС
ММС

Објавено на: 12/28/18 8:58 AM

Кавадарци ги избра најдобрите спортисти за 2018 година

Благица Колева од џудо клубот „Кожувчанка“ е избрана за најдобар спортист за 2018 година во Кавадарци. За најдобар спортски колектив е прогласен карате клубот „Сансаи“, најдобар спортист со инвалидност Васил Росомански, а најдобар спортски работник е Трајче Димитриев од ГФК Тиквеш 1930.

Изборот на спортист се одржа во општинската сала каде присуствуваа спортистите и спортските работиници.

За најдобар млад спортист на годината беше прогласена Владанка Аврамова, а женскиот кошаркарски клуб „Трокал М14“ за најдобар младински клуб.

Балканското џудо првенство за сениори што се одржа во Кавадарци беше прогласено за спортски настан на годината.

Ивана Аврамова од карате клубот „Сансаи“ е избрана за тренер на годината, а клубот кој таа го предводи за најдобар клуб.

Наградите на најдобрите спортисти им ги врачи градоначалникот Митко Јанчев кој искажа задоволство што спортот во Кавадарци е на високо место во општината.  Најави поддршка за спортот од општината и за следната година со 13 милиони денари пари од буџетот.

„2018 година општина Кавадарци посвети поголемо внимание на спортот и во делот на реконструкција на спортски објекти. Тука ни е реновирањето на спортската сала Партизан, оградувањето на спортскиот центар „Јасмин“. За наредната година во спортот ќе имаме многу поголеми инвестиции. Ќе изградиме повеќе наменска патека за спортување до Моклиште  и затворен базен со спа центар“ им вети на спортистите градоначалникот Митко Јанчев.

На свеченоста пехари беа доделени и за најдобри сениори и јуниори за 2018 година и од други поединечни и колективни спортови. За амбасадори на спортот во Кавадарци беа прогласени Петар Ангелов и Даниел Мојсов.

Ангел Данов