Оштетени се улиците и тротоарите во Росоман, се жалат жителите. Оштетувањата се резултат на движењето на тешки товарни возила низ населбата, кои поради немање соодветен паркинг минуваат и се паркираат низ улиците и тротарите во населеното место.
Општината е запозната со овој проблем и од таму најавуваат дека истиот ќе се решава со изградба на паркинг за овие возила, надвор од Росоман.
„Росоман има повеќе транспортни претпријатија и ладилници кои имаат во сопственост тешки возила, што се движат по росоманските улици. Тие нанесуваат штети на улиците и ни предизвикуваат проблеми. Се работи за возила со тежина над десет тона. Поради немање на сопствени паркинзи, сопственици на вакви возила за паркинг, користат места пред нивните куќи. Нашите улици и тротоари не се проектирани за таа тежина“ вели градоначалникот Бранко Јанев.
Жителите на Росоман очекуваат проблемот брзо да се надмине пред улиците и тротоарите да бидат целосно оштетени. Велат дека со години очекувале нивните улици да добијат асфалт или беџатон коцки и сега не е во ред истите да се оштетуваат на ваков начин.
Ангел Данов


