Околу 400 бранители кои учествувале во воениот конфликт во 2001 година нема да плаќаат данок на имот. Ваква одлука донесе советот на општина Кавадарци на последната седница. Иницијативата на советничката група едногласно беше прифатена од советниците.
„Политичката партија ВМРО-ДПМНЕ стои на располагање на службите за спроведување на оваа одлука. Станува збор за околу 400 бранители кои учествувале во конфликтот. Овие луѓе треба да обезбедат потврди од МВР и од Министерството за одбрана“ изјави Тони Нешковски, советник од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој се надева дека ваквата одлука на кавадаречкиот совет ќе помине и во Министерството за финансии. Само така може одлуката на советниците да се реализира и бранителите да не плаќаат данок на општината.
„Како совет носиме одлука за буџетот за 2019 година каде овие средства се опфатени, а за 2020 година можеби ова одлука ќе се доградува и ќе се знае дали повторно овие луѓе ќе бидат ослободени од давачки за данок на имот кон општината“ појаснува Нешковски.
Советот донесе одлука да изводи еден милион буџетски пари и за поддршка на децата со ретки болести. Предлогот за ваква одлука беше на советничката Василка Дрварова од СДСМ.
Ангел Данов


