Куманово ќе отпише застарени долгови на физички и правни лица – ММС
ММС

Објавено на: 12/27/18 5:49 PM

Куманово ќе отпише застарени долгови на физички и правни лица

Општина Куманово ќе отпише долгови на граѓани и на фирмите кои не ги плаќале обврските во периодот од 2004 до 2010 година. За фирмарина се отпишуваат долговите заклучно со 2010, а за данок на имот за физички и правни лица заклучно со 2008 година.

Советот вчера ја донесе одлуката на седницата. Меѓу фирмите се оние кои се во стечај и ликвидација. Вкупно, информираше, денеска градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски, ќе бидат отпишани 42 милиони 898 илјади и 437 денари по основ на неплатена фирмарина и данок на имот за физички и правни лица. Станува збор за обврски кои општината ги презела од УЈП.

– Водени од фактот дека државата оддели средства за Куманово од 100 милиони денари, со кои што општината има обврска финансиски да се раздолжи кон одредени субјетки, ние таквата одлука сакаме да ја пренесеме и да ја почуствуваат граѓаните и правните субјекти, рече Димитриевски.

Информираше дека општината направила пресек во даночното одделение и одлучила да им излезе во пресрет на овие категории граѓани и фирми кои во континуитет не плаќале фирмарина и данок на имот, кои реално не можат да се наплатат по основ на застареност.

– Не сакаме да ги водиме ваквите бројки само како евиденција и сметаме дека ќе придонесеме за и онака скромниот буџет за најранливите категории граѓани, фирми кои не можат да платат, а воедно ќе дојде и до финансиско усогласување на реалните побарувања на општината-изјави Димитриевски.

И опозицијата го поддржа отписот, меѓутоа нагласија дека има и фирми кои имале средства да платат, а не ја плаќале фирмарината.

Димитриевски, денеска брифираше и за помошта од Владата, по основ на пријавенитеобврски на општината. Тој појасни дека општината има обврски по два основа, тековни и за судски блокади и долгот на јавни претпријатија, кои не влегуваат во оваа пресметка.

– Општината заедно со јавните претпријатија должи 17 милиони евра без камата. Ние ќе добиеме еднократна помош од Владата во износ од 110 милиони денари што повторно за нас е значително сума. Ја  користам оваа прилика да се заблагодарам на Владата, бидејќи сериозно се помага финансиски за најголем дел од општините од Македонија – рече Димитриевски.