Ѓорчев бара повлекување на законските измени за нови функционери, Заев тврди ќе се подобреле услугите за граѓаните – ММС
ММС

Објавено на: 12/27/18 4:29 PM

Ѓорчев бара повлекување на законските измени за нови функционери, Заев тврди ќе се подобреле услугите за граѓаните

Сите јавни претпријатија основани од владата, освен директор, да добијат и функција заменик-директор. Ова го предлагаат пратеници на СДСМ и ДУИ според кои во оваа насока треба да се измени Законот за јавни претпријатија. Новопредложеното законско решение предвидува замениците да ги водат претпријатијата во отсуство на директорите, додека досега директорите за тоа определуваа вработен во претпријатието.

Ваквиот предлог наиде на критики кај опозицијата. Пратеникот Владимир Ѓорчев на седницата за пратенички прашања, рече дека ова е уште едно партиско пазарење поради кое граѓаните ќе треба да издржуваат „куп партиски војници“.

„Ова е уште едно ваше партиско пазарење, воведувате стотици нови функционери кои ќе добијат возачи, телефони, секретари, бенефиции. Ова е срамен предлог, сакате да го протуркате на мала врата. Граѓаните заради вашите дилови ќе издржуваат куп партиски војници. Дали вашиот план го предвидува ова или беше само трик да ги трошите нивните пари како сакате. Малку ви се овие 101 заменик, па ставивте амандман да се вработуваат и на локално ниво. Срамно е ова и скандалозно што го туркате во предвечерјето на празниците“, рече Ѓорчев.

Премиерот Зоран Заев, пак, одговори дека со овие измени ќе се подобрат услугите за граѓаните

„Замениците нема да седат, ќе си вршат работа, ќе преземат одговорност кога директорот не тука. На овој начин ќе се дуплира услугата кон граѓаните. Ваквите трошоци се минорни во однос на потребите на граѓаните. Не треба да се прави јавна фама од ова. И овој процес ќе биде транспарентен и согласно реформите во јавната администрација“.

Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ (ИДСЦС), Центарот за управување со промени (ЦУП) и Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), пак, бараат да се повлече иницијативата на група пратеници за измена на Законот за јавни претпријатија.

Постои системски недостиг на транспарентност при изборот на директори што дополнително ги зајакнува ризиците од политички клиентелизам. Oваа иницијатива во целост се коси со заложбите за реорганизација и рационализација на големината на јавниот сектор, која ја најавува Владата на РМ – велат од невладиниот сктор.