Со две нови кампањи АМС и МВР против насилството и загрозената сообраќајна безбедност – ММС
ММС

Објавено на: 12/27/18 3:25 PM

Со две нови кампањи АМС и МВР против насилството и загрозената сообраќајна безбедност

2018 е годината во која во последната деценија имало најмалку жртви во сообраќајни несреќи во Македонија – покажуваат податоците на Министерството за внатрешни работи. Сепак, загрижувачки е податокот од почетокот на оваа година, според кој во Скопје дури 30 проценти од  возачите биле под дејство на алкохол кога МВР почнало системска контрола во тој дел. Сега, на неколку дена пред крајот на годината, статистиките велат дека тој процент е намален на околу пет отсто.

Со цел ваквите бројки да се намалат и да се зголеми свеста кај младите за почитување на сообраќајните прописи, ресорното Министерство и Агенцијата за млади и спорт ја почнаа кампањата „Почитувај ги сообраќајните прописи, почитувај го животот. Не пиј додека возиш!”. Паралелно, почнува и кампањата „Насилство раѓа насилство” која цели кон тоа да ги едуцира и поттикне младите да не користат говор на омраза, но и да не посегнуваат по каков било тип на насилство.

Министерот Оливер Спасовски потенцираше дека планирано е во повеќе општини во Скопје да бидат реализирани работилници на кои ќе се третираат прашањата кои се однесуваат на насилството, на надминувањето на предрасудите и стереотипите меѓу младите, но да се организираат и едукативни работилници со други здруженија.

Тој потсети дека веќе околу еден месец се спроведува и кампања со цел да се превенира користењето на пиротехнички средства.

Што се однесува до сообраќајната безбедност пак, официјално во 2017 бројот на загинати лица во сообраќајни незгоди е 155, од нив 36 биле на возраст до 24 години.