Министерката за правда Рената Дескоска ќе добие инструкции да го отвори прашањето во Судскиот совет што го покрена американскиот амбасадор, Џес Бејли. Ова денеска го најави премиерот Зоран Заев, откако Бејли испрати писмо до претседателите на судовите со кое бара од нив да не ја посочуваат Амбасадата за одговорна за одлуките што ги носат за притворите и пресудите
„Ако имало таква работа, да се посочи и да се понесе одговорност. Ако немало, да биде на чисто Америка преку својот прв репрезент – американскиот пертседател, бидејќи кога зборува амбасадорот, зборува земјата. Тоа е доволен сигнал да преземеме одредени дејствија и анализи за да видиме што е во суштина причината да дојде до такво писмо. За писмото од амбасадорот Бејли разбрав од медиумите и сум загрижен од позитивен аспект. Му наложив на советникот за надворешна политика Дане Талески да се сретне со заменик амбасадорот за да добиеме дополнителни појаснувања и уверувам дека до утре ќе ги добиеме. Амбасадорот Бејли не е во земјава и веројатно заменик амбасадорот може да објасни, но ако не, тогаш кога амбасадорот ќе се врати околу нашите божикни празници, директно ќе разговарам со него“, порача Заев денеска од собраниската говорница, одговарајќи на прашање од пратеникот Антонио Милошоски дали се чувствува загрижен поради таквото писмо, кое како што вели Милошоски, претставува дипломатски скандал.


