Со турнири во шах, мал фудбал и кошарка ќе се подобрува соживотот и соработката помеѓу учениците во Гостивар во училишните среднини.
Активностите се дел од проектот на Центарот за заедничка основа Скопје „Јакнење на отпорноста на локалните заедници кон насилен екстремизам во Македонија” што го поддржуваат Британската амбасада и Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје. Трите турнири содржат елементи на соработка, комуникација и поврзување на учениците од различно етничко потекло. Низ натпреварите учениците ќе ги промовираат толерантноста, соживотот, социјална кохезија и соработка на ниво на дијалог и игра.
– Проектот има за цел да ја поддржи националната стратегија и акцискиот план на Национален комитет за борба против насилниот екстремизам и борба против тероризмот. Тоа се одвива преку соработка помеѓу локалните актери вклучувајќи граѓански, верски и младински лидери со формирање на Акциски тимови во заедницата во три пилот општини, Чаир, Гостивар и Кичево, рекоа организаторите.
Турнирот во шах се одржува во ООУ „Гоце Делчев”. Во ООУ „Мустафа Кемал Ататурк” се игра мал фудбал меѓу четири екипи од средните училишта. За турнирот во кошарка (тројки 3+1), се пријавени осум екипи, по една од сите четири средни училишта и четири тројки составени од млади и студенти и натпреварите се одвиваат во спортската сала на ООУ „Исмаил Ќемали”.


