Кавадарци донесе амбициозен буџет за 2019 – ММС
ММС

Објавено на: 12/27/18 7:54 AM

Кавадарци донесе амбициозен буџет за 2019

Близу 16 милиони евра е планирано да тежи општинската каса на Кавадарци за следната година. Вчера, доцна попладне советот едногласно го усвои буџетот кој се планира да покрие многу капитални проекти.

„Предлог буџетот на општина Кавадарци е димензиониран на вкупен износ од 972.254.000 денари, од кои,  основниот општински буџет изнесува 465 милиони денари, приходите од само финансирачки активности 55  милиони денари, приходите од дотации 370 милиони денари, прихоите од донации 16 милиони и прихдоите од кредити 65 милиони денари“ образложи раководителот на секторот за финансии Цанка Јовановска.

Советниците беа едногласни во своите дискусии дека Кавадарци  за следната година ќе има прилично амбициозен буџет.

Градоначалникот Митко Јанчев посочи дека приходите биле реални и очекува висока реализација на буџетските приходи. Најави изградба на нова детска градинка, реконструкција на значајни патни правци, изградба на заобиколница Западен булевар, реконструкција на мрежата за улично осветлување како и почеток со изградба на нов зелен пазар.

„Во делот на развојната програма за 2019 година о Кавадарци има предвидено поголема стапка на развој. Опфатени се повеќе јавни објекти. Го ставаме во програма зелениот пазар, паркингот, кружниот тек кај Тиквеш и порачани се повеќе физибилити студии за јавно приватно партнерство“ елаборираше Јанчев и нагласи  дека повеќе проекти кои се тендерирани годинава ќе се финансираат со пари од буџетот за следната година. Поголема сума на пари општината очекува и за проекти кои финансиски ќе ги поддржи владата.

Јанчев рече дека 2019 е година на многу предизвици во повеќе области за Кавадарци.

Споредено со минатите години, за следната година Кавадарци го има испланирано најголемиот буџет. Во приходите влегуваат и парите за данок на имот на новите 4500 граѓани кои досега не биле евидентирани во системот за данок на општината.

 

Ангел Данов