Наместо врвно квалификувани образувани професионални млади со европски идеи, во Република Македонија најдобри кандидати за работа во државната администрација се децата на Талат Џафери, на Љубомир Данаилов Фрчкоски, на Мирослав Грчев, двете ќерки на Невзат Бејта, децата на пратеници и на општински партиски моќници – обвини денеска опозицијата. Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека премиерот Зоран Заев со како што велат од партијата, непотизам, го поттикнува иселувањето на младите.
„Не поминува конкурс во којшто не се вработува ќерка, син, мајка, брачен партнер, па дури и фризер на некој од актуелните функционери на СДСМ или Коалицијата. Или кратко кажано црн непотизам без срам. За потсетување СДСМ и Заев велеа дека за само 100 дена од неговото владеење ќе почне враќањето на младите кои што се иселиле. Зоране Заев, тие ли се најдобрите кадри за работа за распишаните 15.000 работни места? Тоа ли е менувањето на амбиентот за кој што зборувавте дека ќе го направите за да се задржат младите и дека би ги вратиле иселените?“, праша на прес конференција партискиот портпарол, Наум Стоилковски.
Сепак, социјалдемократите го тврдат спротивното. Според нив, се отвораат нови работни места, растат платите, како и животниот стандард на граѓаните. Од СДСМ ја прашуваат опозицијата што има против тоа и додаваат дека со заминувањето на ВМРО-ДПМНЕ од власт, завршила партизацијата на администрацијата.


