Судските службеници ќе добијат право за исплата на додатоци на плата – ММС
ММС

Објавено на: 12/26/18 4:08 PM

Судските службеници ќе добијат право за исплата на додатоци на плата

Законот за судска служба денеска влезе во собраниска процедура. Со него се регулира правото на судските службеници да добиваат додатоци на плата. Ова е практично исходот од овонеделната средба на премиерот Зоран Заев, претставниците на Здружението на судски службеници, претставниците на УПОЗ, министерката за правда Рената Дескоска и министерот за финансии Драган Тевдовски – соопшти Министерство за правда.

По завршувањето на собраниската процедура, судските службеници ќе добијат рамноправен статус и третман во однос на додатоците на плата, со што ќе се стави крај на повеќегодишната дискриминација врз судските службеници. Законот за судска служба покажа недостатоци во делот на системот на плати, додатоци и надоместоци на плати на судските службеници. Констатираните недостатоци во утврдувањето на правата на вработените во судската администрација во Законот за судска служба, во делот за плати, додатоци и надоместоци на плати на судските службеници, особено се однесуваат на делот на правото на додатоци на плата, кои се одразија на целосната примена на Законот – велат од Министерството.

– Постои невоедначеност во утврдените додатоци на плата на вработените во судската служба, со останатите вработени во правосудниот систем. На овој начин вработените во судската администрација за извршување на исти задачи со други вработени во правосудни органи не можат да остварат исти права во делот на додатоците на плата – се наведува во соопштението.

Во Законот, како додатоци на плата, воопшто не се предвидени додаток на плата за посебни услови за работа, додаток на плата за постоење на висок ризик и додаток на плата за доверливост. Исто така се утврдува и постапка за заштита од арбитрерност на претседателите на судовите при одредување на додатоците на судските службеници.