Во акцискиот план се наведени конкретни мерки и активности за заштита на балканскиот рис на мавровското подрачје. Главната цел на Акцискиот план е да се даде значителен придонес кон заштитата на популацијата на критично загрозениот балкански рис.
-Главната цел на Акцискиот план е да се даде значителен придонес кон заштитата на популацијата на критично загрозениот балкански рис. Акцискиот план е оперативен документ во кој се наведени конкретни активности и мерки, како и нивни финансиски и временски рамки. Акцискиот план главно се однесува за јадровото подрачје на популацијата на рис, кое моментално се наоѓа на територијата на НП Маврово, а предвидени се активности во доменот на мониторинг на неговиот плен, едукација и подигнување на јавната свест, воспоставување на безбедни коридори за крупните цицачи, прекугранична соработка и слично, изјави Диме Меловски, раководител на програмата за зачувување на балканскиот рис од Македонско еколошко друштво.
Акцискиот план денеска беше промовиран пред сите засегнати страни во НП „Маврово” од страна на Македонско еколошко друштво. Истиот треба да се спроведе до крај на 2020 година.
Проценките се дека популацијата на рисот во Jугозападен Балкан изнесува околу 40 возрасни единки. Поради ваквата статистика, балканскиот рис е сместен во категоријата на критично загрозен, според еден од критериумите на Меѓународната унија за зачувување на природата.
Зоран Димовски


