Пред два дена бил избран за помошник генерален секретар на Независниот полициски синдикат, а сега е прераспределен од полициската станица во Аеродром во полициската станица Блаце. Мартин Ефремов е дел од вработени кои се претседатели на синдикални организации, а за кои МВР донесе решенија за прераспределба, на што денеска реагираа од Независниот синдикат.
„Со оглед на тоа што сум дипломиран правник со положен правосуден испит, дури и преквалификуван за полицаец за моите резултати директно наградуван лично од министерот, а за извршувањето на моите работни задачи не сум бил ниту усно предупреден, сакам да го прашам министерот дали вака изгледа професионализацијата во МВР, со испраќање на работниците во планина, единствено поради нивните синдикални активности“.
Од Независниот синдикат на полицијата најавија дека доколку не добијат одговори заштита на своите членови ќе бараат пред надлежните судови.
Поддршка добија и од Конфедерацијата на синдикални организации каде што членка е Независниот синдикат на полицијата.


