Грант од 200 000 евра од Фондот за иновации за сопругот, а потоа и вработување за сопругата – ММС
ММС

Објавено на: 12/26/18 9:40 AM

Грант од 200 000 евра од Фондот за иновации за сопругот, а потоа и вработување за сопругата

 

Фондот за иноваци и технолошки развој летово одобрил грант од 200 000 евра за фирмата БИЛД ДООЕЛ Скопје, сопственост на Александар Гаврилоски, чија сопруга Неда Икономова Гаврилоска работела како надворешен соработник на Фондот, каде пред две недели е и редовно вработена.

За грантот кој е доделен за проект „Примена и реализација на иновативен концепт за изградба на заштитни конструкции за земјоделски насади во секторот земјоделство“, реагираше опозицијата од каде прашаа дали имало и кој бил договорот за вработување на сопругата на Александар Гаврилоски?

„Дали можеби имало договор помеѓу семејството Гаврилоски и раководните лица на Фондот за иновации за сомнителна соработка која на крајот резултира со вработување на Неда Икономова – Гаврилоска во Фондот за иновации? Ова се прашања кои мора да ги дознае јавноста, бидејќи над 200.000 граѓани се невработени и чекаат да најдат работа и се на работ на егзистенцијата, не знаат дали ќе имаат основни намирници за да ги поминат новогодишните и божиќните празници, но затоа сопругата на сопственикот на фирма која што добила грант од 200.000 евра народни пари, се вработува во Фондот за иновации“, изјави партискиот портпарол, Димче Арсовски.

Според директорот на Фондот, Јован Деспотовски сепак нема ништо спорно. Тој во изјава за Макфакс, наведува дека иако е одобрен грантот, договорот со оваа компанија не е потпишан. Не поради непотизам или конфликт на интереси туку поради недовршена правна процедура.

Во официјалната, писмена реакција пак од Фондот стои дека Икономова – Гавриловска ниту била ангажирана, ниту може да биде ангажирана во било која фаза од евалуација и одлучување за доделување на финансиска поддршка од страна на Фондот, било како надворешен соработник или како вработен.

Истото, од причина што Фондот применува системско решение за превенција од влијанија, преку двостепен систем на оценка и одлучување, во кој се вклучени надворешни домашни и странски експерти, што се ангажираат на јавен оглас. Вработените во Фондот, директорот и членовите на Управниот одбор се целосно исклучени од процесот на одлучување – велат од ФИТР.