Градежништвото перспектива за Македонците во Германија – ММС
ММС

Објавено на: 12/26/18 9:10 AM

Градежништвото перспектива за Македонците во Германија

Градежници, електричари, водоинсталатери. Ова е само дел од листата на работници кои во моментот и недостигаат на една од најразвиените земји во светот Германија. Според иселеникот Бошко Васев кој преку своите фирми им обезбедува работа на лицата од Македонија и земјите од Западен Балкан, Германците имаат добро искуство со работоспособното население кое доаѓа од овие простори, ,па затоа за споменатите работни места неретко се одлучуваат да ангажираат работници со уредна документација од земјите од Западен Балкан.

-Проблем број 1 во Германија е сместувањето и поради тоа се гради многу во Германија, а со тоа расте и потребата од градежници, електричари, водоинсталатери, парначи, работници кои работат со кнауф и гипс картон, молери, ѕидари, армирачи со еден збор се што припаѓа под градежништво, а по традиција Германија се соочува и со недостиг од медицински лица, вели  Васев.

Бошко Васев е познат во регионот Бруксал-Бретен како човек кој долги години им помага на Македонците да најдат работа и да се интегрираат во Германија. Според него има неколку клучни работи за секој поединец кој сака да зачекори на патот до успехот во оваа земја.

– За да успееш овде треба да бидеш точен и да бидеш добар работник и како најважно од се што треба е секој човек максимално да се труди да го научи Германскиот јазик. Тоа е проблем број 1,  бидејки многу луѓе тоа не го сфаќаат сериозно. За другото не можеме да се пожалиме, ние сме познати како добри работници, меѓутоа без јазикот, нема напредување, нема подобро работно место, нема подобра плата, додава Васев.

Бошко Васев е еден од малкуте наши иселеници кои успешно чекорат на патот до успехот во регионот Бруксал-Бретен. Моментално во овој германски регион својата егзистенција ја нашле околу 1000 иселеници од Македонија.
Валери Спасевски