Проблемите од комуналното уредување, уличното осветлување, водоснабдувањето, јавното зеленило, една година кавадарчани имаат можност да ги пријавуваат преку осум службени лица кои се дел од проектот „Мој општинар“. Граѓаните велат дека сега многу полесно проблемите со кои се соочуваат стигаат до надлежните.
Овој проект, по примерот на германските градови за прв пат се спроведува во општина Кавадарци.
„ Преку секојдневното излегување на терен и утврдување на фактичката состојба, општинарите заедно со приватни фирми донатори ги исчистија речиси сите диви депонии во општината, а акцијата За убаво и чисто Кавадарци континуирано се реализира. Преку Мој општинар се изврши хортикултурно озеленување од над 30 000 метри квадратни. Речиси сите тротоари сега се во целосна функција на пешаците со тоа што се поставија метални столбчиња“ вели градоначалникот Јанчев.
Тој додава дека преку овој проект се дал голем придонес и во целосно ажурирањена старите податоци од даночното одделение. Преку фотографии и собирање на нови податоци е направен нов систем за наплата на данок на имот.
„Мој општинар, според фактичката состојба на терен, заедно со службите, ги подготвија и програмите за комунална изградба за 2019 година како и програмите за јавна чистота и зеленило“ додава градоначалникот.
Претставниците на општината кои секојдневно се во контакт со граѓаните од своите реони велат дека благодарение на ваквата комуникација значително се зголемени површините под јавно зеленило.
Ангел Данов


