Не може некој да биде пратеник 4 години, а потоа да брка по контејнери. Ова го изјави претседателот на Собранието, Талат Џафери на денешниот брифинг со новинарите на кој се дискутираше за новата иницијатива за Закон за пратенички привилегии.
Сепак, во изјава за медиумите тој не сакаше да ја коментира иницијативата. Посочи дека додека не види конкретен предлог не може да се изјасни дали истата ја поддржува или не.
Тој додаде дека во голем број земји во светот со законско решение бил уреден статусот на пратениците по истекот на мандатот. Рече дека има пратеници со по неколку мандати, по чие завршување не може да им биде загрозено егзистенцијалното прашање.
Во однос на уставните измени, тој потсети дека расправата по амандманите за нив е закажана за 9 јануари, а според неговите очекувања, таа би требало да заврши до средината на месецот.
Џафери информираше и дека ќе свика седница на 9 јануари на која ќе се раправа по амандманите за уставни измени согласно со договорот од Преспа. Очекува да се изгласаат и процесот да заврши до 15 јануари.


