Џафери: Кога ќе ги пратам Договорот од Преспа и Законот за јазици во Службен весник, тоа е моја одлука – ММС
ММС

Објавено на: 12/25/18 11:25 AM

Џафери: Кога ќе ги пратам Договорот од Преспа и Законот за јазици во Службен весник, тоа е моја одлука

Додека Договорот од Преспа и Законот за јазиците се’ уште чекаат на потпис од шефот на државата, Ѓорѓе Иванов, собранискиот спикер Талат Џафери вели дека волјата на Собранието не може да се попречи. Џафери нагласува дека веќе има негови потписи и документите ќе бидат пратени во Службен весник, но не открива кога.

„Немам потреба со никој да се договорам по однос на уставите надлежности на институциите. Иванов има обврска тоа да го направи, а не го прави. Волјата на собранието не може да се попречи. Потписи има мои, а кога ќе ги пратам во Службен весник, тоа е моја одлука“, изјави денеска Џафери.

Прашан од новинарите, како ја оценува работата на парламентот во годината што изминува, тој смета дека сите важни прашања биле завршени во соодветно време, исполнувајќи ги очекувањата на граѓаните.

„Не би сакал да зборувам за работите за кои сум бил носител. Собранието ги исполни очекувањата и во главно сите битни прашања ги има завршено во соодветно време. Годината е полна со настани, не може да се издвои некој посебен во смисла на значење. Од Договорот од Преспа до уставните измени – многу нешта ја одбележаа годината, но сметам дека Собранието успеа да ги оправда очекувањата  на граѓаните“, потенцираше собранискиот спикер, додавајќи дека секогаш е оптимист и затоа очекува следната година да се остварат зацртаните очекувања.