Хелсиншкиот комитет апелира доследно да се почитува правото на исплата на К-15 – ММС
ММС

Објавено на: 12/24/18 1:27 PM

Хелсиншкиот комитет апелира доследно да се почитува правото на исплата на К-15

Доследно да се почитува правото за регрес на годишен одмор во приватниот сектор кое е законски загарантирано и кое треба да биде исплатено до крајот на годинава – апелира денеска Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Од таму наведуваат дека во изминатите две години регистрирале голем број случаи во кои работодавачите им исплатиле на вработените многу низок износ на К-15 односно од 500 до 1000 денари, а на голем број работнички кои користеле породилно отсуство не им било исплатен К-15, иако тоа им е законски загарантирано. Хелсиншкиот комитет истакнува дека ќе ја следи ситуацијата особено кај оние работодавачи кои ќе се обидат да исплатат К-15 во мал и незначителен износ поради потешкотии во работењето и ќе бараат од надлежните институции да извршат надзор со цел да проверат дали навистина работодавачот се соочува со финансиски во работењето поради што е принуден да исплаќа К-15 во износ помал од утврдената основица.

Апелираат до работодавачите да ги почитуваат одредбите од Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, а од Државниот инспекторат за труд бараат да врши засилен мониторинг во процесот на исплатата на К-15.

Комитетот ги повика синдикалните организации будно да ја следат состојбата со исплатата на регресот за годишен одмор, особено во текстилните и кожарските фабрики каде има формирано синдикати, а работниците да продолжат да пријават доколку им се прекршени работничките права.