Собранието го усвои новиот Закон за антикорупциска во прво читање – ММС
ММС

Објавено на: 12/24/18 1:16 PM

Собранието го усвои новиот Закон за антикорупциска во прво читање

Предлог законот за спречување на корупцијата и судир на интереси беше усвоен денеска на собраниска седница во прво читање. Новото законско решение го поддржаа 58 пратеници, против гласаа 16.

Со законот се регулираат и двете области корупцијата и судир на интереси, конкретно се определуваат поимите – службено лице, семејство, блиски лица, се дефинира поимот на ризок од корупција. Се воведуваат промени во самата постапка за избор на претседател и членови, во статусот и нивните плати, како и во претстанокот на функцијата и разрешување на членовите.

Заменик-министер за правда, Оливер Ристовски напоменувајќи дека од 2018 година по оставките на антикорупционерите во земјава не функционира оваа комисија, нагласи дека со новото законски решение се прошируваат и надлежностите на Државната комисија за спречување корупција.

„Новини се начинот на подготовка и донесување на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси, а има и промени во делот на начинот на одлучување Комисијата за спречување на корупцијата преку јавноста на седниците, нејзиното постапување, следење на законитоста на финансирањето на политичките партии, што досега не било случај. Има измени во главата осум, кои се однесуваат на пријавување на имотната состојба и интересите и обврските кај административните, судските и јавните службеници од категоријата П1 да поднесуваат најдоцна во рок од 30 дена од денот на вработувањето и да доставуваат до органот изјави за имотната состојба“, изјави тој.

Опозицијата сепак го критикуваше новото законско решение, бидејќи како што сметаат од ВМРО-ДПМНЕ, процедурите за избор на претседател и членови на Комисијата ќе одземат премногу време и државата повторно нема да има антикорупционери за време на претседателските избори, до тоа дека оваа власт всушност и не сака да има антикорупциска.

ДКСК не фунцонира речиси десет месеци, откако во март по објавувањето на ревизорскиот извештај за финансиското работење на Антикорупциска, во кој ревизорите нотираат сериозни сомневања за малверзации од страна на членовите како фалсификувани сметки, лажни патни налози, нереални суми за изнајмување на станови во Скопје, петмина од нејзините седум членови си поднесоа оставки, меѓу кои и претседателот Игор Тантуровски.

Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница потсети дека откако увидел дека нема иницијатива од Собранието да се пополни Комисијата, тој кон крајот на летото, откако се појавила можноста за предвремени избори, поднел иницијатива со актуелниот закон да се иницира процедура за избори на членови на ДКСК.

Забелешка на опозицијата е и бројот на антикорупционерите, односно ГРЕКО дала предлог да има пет, а во законското решение се задржува бројката од седум.

Пратениците денеска ги донесоа и Дополнетиот предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за ветеринарно-медицински препарати во второ читање, Предлог закон за јавни набавки во прво читање, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за здравствена заштита во прво читање, Предлот на закон за дополнување на Законот за ученичкиот стандард во прво читање.