Новогодишна честитка од Столтенберг за силите на НАТО – ММС
ММС

Објавено на: 12/22/18 3:56 PM

Новогодишна честитка од Столтенберг за силите на НАТО

Северноатлантскиот пакт е „во добра форма“ – порачува генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во видео пораката упатена до припадниците на силите на Алијанста по повод Нова година.

– Ние сме во добра форма. Вашиот професионализам, посветеност и дух на солидарност ја прават силна нашата Алијанса. Заедно ќе продолжиме да се прилагодуваме на непредвидливиот свет, да го чуваме мирот и да ја штитиме безбедноста на нашите граѓани, како што го правевме тоа изминативе децении – наведува Столтенберг во пораката.

Тој истакнува дека годинава имал чест да се сретне со голем број припадници на силите на НАТО, кои дошле од „сите краеви на Европа и од преку Атлантикот“.

– Секојдневно Вие служите под истото знаме на НАТО во Авганистан, во Ирак, во Косово. Вашето видливо присуство на копно, во воздух и на море од регионот на Балтикот до Медитеранот, покажува дека НАТО е подготвен да ги брани сојузниците од која било закана и во кое било време – додава Столтенберг.

Тој на крајот на пораката на сите припадници на силите на Алијансата им се заблагодарува за „целокупната одлична работа што ја завршиле“ и им посакува „среќна и мирна Нова година“.