Собранието го усвои Предлог-буџетот за 2019 година – ММС
ММС

Објавено на: 12/21/18 7:25 PM

Собранието го усвои Предлог-буџетот за 2019 година

По тридневна расправа, пратениците со 61 глас „за“ и 15 против, попладнево го изгласаа Буџетот за 2019 година. Вкупните планирани приходи во државната каса се проектирани на 210,8 милијарди денари, а вкупните расходи на 228,5 милијарди денари.

Растот на БДП е проектиран на 3,2 процента, додека стапката на инфлација на два отсто. Буџетскиот дефицит е проектиран на 2,5 проценти или 17,7 милијарди денари што е за 500 милиони денари помалку од годинава.

Според министерот за финансии, Драган Тевдовски вкупните расходи се во функција на редовно и навремено исполнување на сите законски обврски, поддршка на домашната економија, забрзување на инфраструктурните проекти, како и интензивирање на интеграциските процеси за ЕУ и НАТО.

За капиталните инвестиции догодина се издвоени околу 26 милијарди денари, обезбедени од изворни буџетски средства, ИПА фондови и поволни кредити. За патната и железничка инфраструктура се предвидени 5,2 милијарди денари, за енергетската и комунална инфраструктура како и управувањето со отпад, 5,5 милијарди денари, 1,3 милијарди за капитални инвестиции во здравството, 2,28 милијарди денари во образованието, детската заштита и спортот, а зголемен обем на инвестиции од 3,3 милијарди денари за за рурален развој, изградба на хидросистеми и инвестиции за подобрување на конкурентноста и модернизација на земјоделските стопанства и во областа на правосудството планирани се средства во износ од 529 милиони денари.

За мнозинството во Собранието буџетот е развоен, социјален во чиј фокус се сите граѓаните на Република Македонија и неговите потреби, а опозицијата неразвоен, мехаломански и нереален.

На денешната седница беше изгласан и Законот за извршување на Буџетот на РМ за 2019 година, а пратениците дадоа зелено светло во второ читање да помине и Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување.