И Федерацијата на фармери против Законот за зелени пазари – ММС
ММС

Објавено на: 12/21/18 5:33 PM

И Федерацијата на фармери против Законот за зелени пазари

Новиот Закон за трговија на зелените пазари се коси со европските правила – реагираше денеска  Националната федерација на фармери. Денешната реакција, е само една од низата забелешки за ова решение според кое, в година пензионерите, вработените и лицата кои имаат некаков хонорар нема да можат да продаваат на тезгите на зелените пазари.

Според претседателката на Федерацијата, Васка Мојсовска со овој Закон се крши универзалната декларација за човекови права на ОН.

Реагираа и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Партискиот портпарол, Наум Стоилковски вели дека овој Закон ги брка од пазарите најранливите категории.

„Оваа мерка, во услови на девастирано земјоделие, удира по ситните производители, удира по земјоделците, удира и на голема група кои купувајќи од нив, за пониска цена носат храна дома! Но за оваа мерка на Министерството за економија, Министерството за Труд и социјална политика нема замерки! Нема замерки иако директно зафаќа најмалку 20.000 вработени од ранливите категории! За оваа мерка нема реакција ниту од Министерството за земјоделство, иако оваа мерка дополнително силно ќе влијае и врз откупните цени на производите, кои да потсетиме без пласман останаа необрани, или на буниште! Оваа мерка ќе допринесе за заштита на големите трговци, големите прекупци по пазарите и маркетите“, изјави Стоилковски.

Новото законско решение треба да стапи на сила од први јануари следната година. Стопанската комора на Македонија побара одложување на примената, но министерот за економија, Крешник Бектеши е дециден дека поради собраниската агенда, невозможно е законот да претрпи измени. Сепак, тој вели дека ќе треба да се почека и да се види како ќе тече неговото спроведување, а ако заедно со коморите надлежните констатираат дека има недостатоци ќе направат измени и дополнувања.