Бизнисот бара подобар закон за антикорупција, а Анѓушев појасно дефинирање на работите – ММС
ММС

Објавено на: 12/21/18 4:52 PM

Бизнисот бара подобар закон за антикорупција, а Анѓушев појасно дефинирање на работите

Радикално, а не парцијално решение за справување со корупцијата и судирот на интересите – предлага претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески. Според него, дури и со новото законско решение на кое работеше Министерството за правда нема да се постигне напредок во расчистување на проблемот со корупцијата.

„На Балканот клучен проблем е корупцијата. Потребно е  Европската Унија да ни помогне  да го решиме тоа прашање, затоа што тука сме немоќни“, додаде Азески.

Вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев, кој во повеќе наврати беше посочуван како личност која има судир на интереси поради задолжувањето во владата и поседувањето удели во компании, смета дека треба јасно да се дефинираат работите и  да се спречи нефункционалноста на економијата:

„Кога ќе креирате компании специјално за да добијат одредени државни работи се прави двојна штета. Првата штета се прави моментално, бидејќи се спречува  конкуренцијата и се попречуваат компаниите што се кадарни да ја добијат и завршат таа работа, а се фаворизираат други компании што се под политички чадор“.

Во контекст на тоа, додаде дека кога тој политички чадор ќе се тргне  компаните што биле политички заштитувани веќе ќе престанат да работат:

„Тоа сега се случува и во нашава држава. Компании што многу интензивно работеа во државните инвестициски циклуси сега повеќе не можат да работат, не затоа што сега некој ги спречува, туку тие не се научени во таква околност да работат. Од друга страна има компании што веројатно можеле да се развијат, не се развиле доволно бидејќи биле нелојална конкуренција“.

Министерот за комуникации, транспарентност и отчетност, Роберт Поповски пак, нагласува дека нема држава во светот која успеала целосно да го реши проблемот со интереси.

„За да се спречи колапсот на општеството, од суштинско значење е властите да обезбедат одговорно, инклузивно и транспарентно постапување на сие нивоа“, изјави Поповски.

Овие ставови денеска беа искажани на форумот на тема Судирот на интереси во власта- тенката линија до корупцијата“. Настанот го организираа Транспарентност Македонија во соработка и НВО Инфоцентар, во период кога во Македонија антикорупциската комисија се уште е нефункционална, а новото законско решение е во собраниска процедура.