По вчерашниот напад Беља е хоспитализиран, опозицијата бара оставка од Спасовски – ММС
ММС

Објавено на: 12/21/18 1:02 PM

По вчерашниот напад Беља е хоспитализиран, опозицијата бара оставка од Спасовски

Полицијата трага по напаѓачот кој вчера во Чаир со два куршума го ранил директорот на Клиниката за гинекологија, Ваљон Беља. МВР соопшти дека инцидентот се случил на улицата  „Лазо Трповски“ во Скопје, по што четириесетгодишниот, Беља е хоспитализиран во Градската болница „Св.Наум Охридски“ каде му е извршена интервенција, бидејќи се здобил со повреди на ногата.

Оној кој пукал во него бил во придружба со уште три други лица.

Опозицијата која во повеќе наврати побара оставка од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски го искористи инцидентот за да му порача уште еднаш на Спасовски за ја напушти функцијата.

„Не поминува месец без вооружена пресметка на улиците во Скопје. Градот стана целосно небезбеден, а Спасовски ги крие срамните статистики за ниската реализација на полицијата на која што и ги врзаа рацете. Вчера 15 минути пред 18 часот од огнено оружје во сред Скопје на фреквентна локација во општина Чаир е рането едно лице, кое со повреди е пренесено во Градската општа болница. Од каде толку оружје и од каде толкава сигурност на бандитите во главниот град за да може да пукаат кога сакаат и каде сакаат“, изјави членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски.

Неофицијално на вчерашното пукање му претходела тепачка, во која учествувал и  градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу. Според неофицијални информации на ТВ 21, Беља, му замерил на градоначалникот за тоа што му била стопирана платата која што ја примал од општината. По ова неофицијално градоначалникот повикал други луѓе при што настанала тепачка која завршила со пукање.