АВМУ сепак ќе избира заменик директор – ММС
ММС

Објавено на: 12/20/18 5:43 PM

АВМУ сепак ќе избира заменик директор

И покрај тоа што се бројат деновите до донесување на новите законски измени, со кои по автоматизам се укинува сегашното раководство на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски работи, Советот на АВМУ на седницата попладнето одлучи да распише конкурс за избор на земеник директор.

Според најавите од Владата, новиот закон се очекува да биде донесен до крајот на годината, што во старт ја прави дискутабилна одлуката за распишување конкурс за пополнување на место што четири години стоеше празно. Новите законски измени се пуштени во процедура уште во февруари и не можеме да чекаме, рече претседателот на Советот Лазо Петрушевски. Сепак, Петрушевски подоцна ја откри вистинската намера. Она што Канал 77 веќе го пишуваше за откриената дупка во законот, која предвидува со усвојување на новите законски измени на членовите на Советот и на директорот, но, во членот 44 никаде не се споменува и заменикот директор.

-Јас го гледав законот и таму пишува дека мандатот на заменикот директор е ист како и на директорот, во смисла на траење во години. Теоретски, тоа значи дека ако ние сега го избереме во март, мандатот на заемникот директор ќе трае до 2026 година, освен ако пратениците не ја слушаат оваа дискусија и во законот не го додадат и мандатот на заменикот директор, изјави Петрушевски, кој заедно со неговиот заменик Милаим Фетаи предложија да се распише конкурсот за избор на земеник директорот. Фетаи пак, дополнително кажа дека очекува  на заменичкото место да се најде стручен човек, кој ќе одолее на медиумските притисоци и ги откри сопствените амбиции.

-Не ја исклучувам можноста да се кандидирам за член на новиот Совет, ако законот тоа ми го доволува. Но, јавно кажувам дека е тоа мое законско право, ги исполнувам условите и мое граѓанско право. Можам да се кандидирам и за заменик директор и соодветно би ја извршувал таа позиција, со оглед на тоа дека долги години сум тука. Но, јас не планирам и нема да се кандидирам за заменик директор, рече Фетаи.

Членот на Советот од редовите на Здружението на новинари на Македонија, Зоран Фидановски, отпрвин укажа дека е спорно зошто по четири години се распишува овој конкурс и дека ќе нема време да се спроведе. Сепак, на крај се солидаризираше со останатите и гласаше за распишување на конкурсот. Воздржан беше еден член.

Со ова почнува постапката за избор на заменик директор во АМВУ. Вчера, во изјава за Канал 77, ресорниот министер Дамјан Манчевски рече дека останува на барањето како и досега, сите во Советот на АВМУ да се поднесат оставки.

– Во најмала рака е чудно што овој конкурс се распишува сега, кога очекуваме до крајот на годината да се усвои новиот закон, со кој престануваат функциите на сите во агенцијата, ни изјави министерот Дамјан Манчевски, Министерство за информатичко општество и јавна администација.

Неофицијално, предлог законот за АВМУ утре влегува во комиска расправа во Собранието на Република Македонија, што пак не им остава простор на креаторите  на идејата преку распишување на конкурс, да го пополнат заменичкото место во АВМУ.

https://www.youtube.com/watch?v=RoMADoU2geA