Контролори нападнале момче во автобус – ЈСП тврди патникот прв почнал – ММС
ММС

Објавено на: 12/20/18 3:38 PM

Контролори нападнале момче во автобус – ЈСП тврди патникот прв почнал

Двајца контролори на ЈСП попладнево, во автобус на ЈСП со број 2 нападнале момче – сведочат патници. На социјалните мрежи веќе осамна фотографија на која се гледа како две лица стојат над момче кое лежи долу на подот од автобусот.

Еден од патниците тврди дека додека се случувал инцидентот тој бил на горниот спрат од автобусот и не знае што точно претходело, но сепак оценува дека таквиот однос е недоличен.

По негативните реакции на јавноста, ЈСП се огласи со соопштение во кое наведува дека е запознаено со инцидентот, по кој на терен излегла екипа на внатрешна контрола на Претпријатието, но и екипа на МВР.

Според исказот на контролорите, инцидентот се случил откако патник без билет физички го нападнал едниот контролор, по што се вмешал и другиот контролор. Патникот, според внатрешната контрола, се обидел да избега, но бил приведен од страна на екипа на МВР.  И патникот и контролорите дадоа исказ во МВР. Во случајов, и Внатрешната контрола на ЈСП Скопје ќе утврди дали евентуално и контролорите имаат вина во инцидентот, односно дали го прекршиле Кодексот на вработените и дали против нив ќе се поведе соодветна дисциплинска постапка – велат од ЈСП.

Оттаму истакнуваат дека не толерираат кршење на Кодексот на вработените од страна на било кој вработен (возач, контролор, билетарка, аминистративен работник и слично) и се отворени за жалби/пријави/поплаки од секаков вид.