Се зголемува бројот на туристи кои доаѓаат во земјава и во Тиквешијата – ММС
ММС

Објавено на: 12/20/18 2:16 PM

Се зголемува бројот на туристи кои доаѓаат во земјава и во Тиквешијата

Тиквешијата располага со огромен потенцијал за развој на винскиот туризам кој годинава во светски рамки има забележано раст од 30 отсто. Голем е бројот на туристи кои доаѓаат и сакаат да го посетат винскиот пат во Тиквешијата, но  и останатата туристичка понуда на овој крај од државата.

„Винскиот туризам е во подем во светски рамки, за 2018 година бележи еден невиден раст од 30 проценти. Што значи дека ние како виногорје и вински крај имаме огромен потенцијал кој мора да го искористиме. Сфативме дека мора да имаме стандарди и критериуми за локалното поднебје, кои се вклопуваат во интернационални рамки, ако сакаме да бидеме конкурентни во светски рамки. Се’ со цел, пробај на трети пазари“, рече Виолета Јанкова, директорка на Фондацијата „Тиквешки вински пат“ што деновиве во Кавадарци организираше работилница за критериуми и стандарди на ено-гастрономските патиша.

Во Македонија туризмот е една од нај растечките гранки, истакна државниот советник за туризам, инвестиции и промоција при Министерството за економија – Шофкет Хазари.

Тој информираше дека над еден милион туристи годишно ја посетуваат Македонија, се остваруваат околу три милиони ноќевања.  За три отсто бил зголемен процентот на туристи во Европа, а во земјава е забележан раст од 5 отсто.

„Тоа влијае позитивно врз државниот буџет, а се отвoраат и нови работни места.  Винскиот туризам зема значајно место во нашата стратегија. Виното како туристички производ е многу битен во цел свет“, вели Хазари.

 

 

Ангел Данов