Арнаудов побара 50 евра за изјава, па се „оправда“ дека се шегувал (Видео) – ММС
ММС

Објавено на: 12/20/18 11:18 AM

Арнаудов побара 50 евра за изјава, па се „оправда“ дека се шегувал (Видео)

Пратеникот Љубен Арнаудов, кој е обвинет за ланскиот насилен протест во Собранието, пред почетокот на денешното рочиште рече дека ќе даде изјава за медиумите за 50 евра, а потоа влезе во судот.

„Изјави давам за 50 евра само“, посочи Арнаудов.

На паузата од рочиштето новинарите ја собраа сумата нудејќи му ја на Арнаудов, за да каже дали ќе поднесе барање за амнестија, но тој кусо одговори дека се шегувал.

Обвинетиот Горан Ѓошевски – Леви, пак, рече дека сè уште не го видел Законот за амнестија, а за тоа дали ќе поднесе барање ќе се консултирал со својот адвокат.

„Како што знам тој Закон не е стапен на сила и не би можел ништо да кажам предвреме. Со бранител ќе видиме каков е законот, што опфаќа и како ќе опфаќа. Не можам да навлегувам во тоа, тоа си е сепак работа на судот“, истакна Ѓошевски.

Останатите обвинети не сакаа да одговараат на новинарските прашања и тивко влегоа во судот.

Инаку, на почетокот на денешното рочиште, судот информира дека дополнителните докази кои ги предложија обвинетите ,Митко Чавков и Душко Лазаров се декласифицирани од МВР и ќе бидат изведени.

Судечкиот совет се’ уште треба да се произнесе за тоа дали ќе бидат изведени и стотината аудио разговори и фотографии предложени од обвинетиот Александар Василевски Нинџа.

За настаните во Собранието од 27 април обвинети се 33 лица, од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување.

Видеото е преземено од Фокус.мк