Свиркачите Лазаревски и Костовски се враќаат на работа во МВР – ММС
ММС

Објавено на: 12/20/18 10:08 AM

Свиркачите Лазаревски и Костовски се враќаат на работа во МВР

Поранешните вработени во УБК, Ѓорѓи Лазаревски и Ѕвонко Костовски кои го открија скандалот со прислушувањето, од денеска се враќаат на своите работни позиции во Министерството за внатрешни работи. Ова на својот Твитер профил, го соопшти ресорниот министер, Оливер Спасовски кој напиша дека за професионалците секогаш има место во МВР.

Укажувачите Лазаревски и Костовски како вработени во УБК, три години ги документирале нелегално прислушуваните разговори, а дел од нив во 2015 година беа објавени како таканаречени „бомби“. Невладините организации јавно реагираа и и’ забележуваа на актуелната власт бидејќи двајцата поранешни колеги долго време беа без работа, иако разговорите кои тие ги обелоденија резултираа со нови парламентарни избори во 2016 година.

Тие претходно реагираа дека иако не очекувале никаква награда или признание кога се решиле да го разоткријат нелегалното прислушување, сметале дека ќе го повратат она кое го изгубиле, а тоа се нивните работни места. Претседателката на Транспаренси Интернешанал Македонија, Слаѓана Тасева пак, неодамна изјави дека враќањето на нивните работни позиции за овие укажувачи е најмалку што може да биде очекувано по донесувањето на Законот за заштита на укажувачите, кој беше усвоен како резултат на нивното откривање и во последователните политички одлуки вклучувајќи го и формирањето на Специјалното обвинителство, кое ги води истрагите.