Граѓаните кои земаат просечна нето плата не можат да ги задоволат основните потреби во текот на месецот. Најголем дел од платата оди за храна, пијалоци и за сметки така што остануваат многу малку пари за да се помине месецот и да се дочека новата плата.
Последните податоци објавени од Државниот завод за статистика покажуваат дека во септември просечната нето плата изнесувала 24.355 денари, а според Сојузот на синдикати на Македонија вредноста на минималната потрошувачка кошничка во истиот месец е поголема за околу 8.000 денари и изнесува 32.493 денари. Синдикатот пресметал дека на едно семејство за купување на храна и пијалоци му се потребни минимум 13.486 денари месечно, а за сметките за комуналии 10.412 денари што значи дека само за храна и за комуналии се трошат минимум 23.898 денари што е приближно колку просечната нето плата.
– Работникот ако ја прима просечната плата, која е исплатена во државата во септември и која според последниот податок на ДЗС е во износ од 24.355 денари, со неа ќе може да се подмират 74,96 проценти од најнеопходните потреби на неговото четиричлено семејство. За да ја обезбеди вкупната вредност на производите и услугите вклучени во пресметката на кошницата му недостигаат 33,41 процент од просечната плата – односно номинален износ од 8.137 денари, велат од Сојузот на синдикати на Македонија.
МИА