Со изнесување дополнителни докази на дел од обвинетите во Кривичниот суд во Скопје денеска продолжува судењето за настаните од 27 април минатата година во Собранието. На минатото рочиште дополнителни докази предложи одбраната на обвинетите Крсто Мукоски, Митко Чавков, Душко Лазаров, Мунир Пепиќ, Игор Југ и Александар Василевски Нинџа.
На денешното рочиште треба да бидат изведени стотина аудио разговори и фотографии предложени од Нинџа доколку бидат доставени од обвинителството, а изведувањето на доказите од Чавков, Лазаров и Пепиќ зависи од тоа дали ќе биде дозволена нивна декласификација.
Судскиот процес го води судијката Добрила Кацарска, а застапници на обвинението се Вилма Рускоска и Ивана Трајчевска.
За случувањата во Собранието на 27 април 2017 година обвинети се вкупно 33 лица, од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување. Претходно поради влошена здравствена состојба на обвинетиот Сашко Марковски постапката за него беше одвоена.
Meѓу обвинетите се и Љупчо Димовски и Игор Дурловски, чиј адвокат Еленко Миланов кој е бранител и на Мунир Пепиќ, коментирајќи го новиот Закон за амнестија за овие собраниски случувања, рече дека тој е контроверзен.
-Има многу проблеми во делот на тоа дека за делото „насилство“ еден дел потпаѓа под законот друг. Треба да се види на каков начин ќе се толкуваат делата затоа што ако одиме по оваа логика на работите нема премногу цврсти докази за многу лица дека неовластено поседувале оружје, нема доволно докази дури и за она дека некои од лица со прикриен идентитет презеле некое дејство на насилство. Вака како што е конципиран Законот ќе биде доста контраверзно и долго време нема да се одлучи по барањата кои ќе бидат поднесени – изјави Миланов.
Законот за амнестија во Собранието беше усвоен пред два дена по скратена постапка. Новото законско решение предвидува можност сите обвинети во судскиот процес да поднесат индивидуални барања за амнестија во рок од пет дена по стапувањето на сила.