Алармантната е состојба во овчарството – реагираат одгледувачите на овци, кои денеска излегуваат на протест пред Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Овчарите се жалат дека се дојдени на работ од егзистенција зашто секоја година се соочуваат со 2.000 – 5.000 евра загуба поради ниската цена на јагнето. Тие бараат средба со ресорниот министер, Љупчо Николовски на која како што велат, би му укажале дека откупната цена на јагнето е пониска од производната, а минимални се и субвенциите за плодна овца и оставено женско јагне.
Производна цена е 165 денари за килограм жива мера, а продажна 120 – 140 денари, информираат производителите. Во врска со фондот на овци во земјата, ја демантираат бројката од 700.000 – 750.000 овци којасе пласира во јавноста.
Таа бројка не е точна. Во Македонија има максимум 450.000 овци. И не само што е преполовен бројот, туку постојат и фантом овци, а тоа значи дека некој зема субвенции, а нема грла – посочуваат овчарите и додаваат дека причината за тоа е немањето соодветна комуникација меѓу Министерството, АХВ и Платежната агенција.
Надлежните пак, по најавите за денешниот протест, соопштија дека ќе ги разгледаат барањата.
Од Министерството за земјоделство велат дека од следната година со Програмата за рурален развој планирано е зголемување на сумата за мерката ‘Набавка на приплоден добиток’, од постоечките 14 милиони денари на 60 милиони денари, а паралелно ќе се работи и на измени на правилникот за оваа мерка со цел да биде подостапна за сточарите и да има поголема искористеност. Паралелно, велат од Министерството, активно се работи на изработка на нов Закон за пасишта, со што ќе им се помогне на сточарите во планирањето и организирањето на сточарското производство.
Според податоците од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и во руралниот развој по основ на сите мерки за овчарство од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2017 година, се исплатени речиси една милијарда денари субвенции.