Околу 170 килограми разни видови дроги и психотропни супстанци се уништени денеска во регионалната депонија Дрисла.
Уништени се околу 128 килограми марихуана, околу шест и пол килограми хероин, околу 20 килограми хашиш, околу половина килограм кокаин, растенија и семки од канабис, како и амфетамини, потоа синтетичка дрога екстази и други прекурсори и психотропни супстанци – информираше министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Според него, статистички гледано во земјава се бележи пораст на бројот на расветлени кривични дела од оваа област.
За периодот од почетокот на 2018 година заклучно со крајот на месец ноември откриени се вкупно 681 кривично дело од оваа област, а од нив 582 кривични дела се класифицирани како “неоовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги и психотропни супстанци“, за што пак кривично беа пријавени 674 сторители. Останатите 99 кривични дела се подведени под казненениот член – “овозможување на употреба на наркотични дроги“, и по однос на нив кривично пријавени се 104 сторители – соопшти Спасовски.
Во рамки на овие активности за сузбивање на трговијата со дрога откриени и спречени се и осум меѓународни канали за шверц на дроги.
Уништената дрога потекнува од кривичните дела недозволено тргување со опојни дроги, психотропни супстанци и прекурсори што полицијата ги расветли во изминатиот период, за кои надлежните судсови веќе донесоа правосилни судски пресуди.