Заев: Преспанскиот процес може да биде пример за решавање на спорот меѓу Белград и Приштина – ММС
ММС

Објавено на: 12/19/18 6:11 PM

Заев: Преспанскиот процес може да биде пример за решавање на спорот меѓу Белград и Приштина

Преспанскиот процес може да биде пример за решавање на спорот меѓу Белград и Приштина – порача денеска од Брисел премиерот, Зоран Заев кој имаше работен ручек со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини и лидерите од Западен Балкан. Претходно тој имаше билатералната средба со Могерини, како и со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.

Уставните измени, Законот за амнестија, целокупниот процес на помирување, но и  регионалните прашања, меѓу кои отвореното прашање на Косово и Србија се само дел од темите за кои било разговарано на средбите.

„Убедени сме дека можеме да помогнеме во целиот процес со искуството што го имаме од Преспанскиот процес, тоа може да биде искуство и за ова проблематично прашање на Балканот. Дефинитивно Балканот има заедничка иднина и мораме сите заедно да работиме на таа иднина да си помагаме меѓу себе и да имаме разбирање меѓу себе. Верувам дека ќе помогнеме сите во целиот овој процес за наоѓање решение“, изјави Заев. Тој работната посета во Брисел ја почна со министерот за надворешни работи, Никола Димитров од кого опозицијата побара да си поднесе оставка.

По вчерашната интерпелација поднесена за него, ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека Димитров не ги штити националните интереси и ја ставил Република Македонија во подредена положба на друга земја.